Archive for November 2015

Париз - Дакар - Могадишу

Гледајќи го син ми како расте, почнувам да мислам дека сите се раѓаме со целото знаење на светот, со сѐ јасно оцртано и прегледно, а потоа светот нѐ корумпира и тренира да се впиеме во просечноста којашто ја живееме денес. Немам ниту една друга теорија со која би си го објаснил сето она што ни се случува.

Кога сме бебиња, на насмевка враќаме со насмевка, на лутина со лутина и пред сѐ најголем дел од времето сме спокојни со своите мисли. Да, тоа можеби се должи на фактот што не знаеме апсолутно ништо, но можеби е и ова сосема спротивното.

Веќе трет ден следам што се случува по оние грозотилаци од петокот во Франција и реакциите на некои од луѓето не можат да се опишат никако поинаку отколку како фасцинантни. Се чини дека во денешно време на оној што му е жал за нешто треба да има оправдување за својата емоција, небаре тоа е став по важно прашање што треба да се поткрепува со аргументи. Во доста случаи истото важи и за моментите кога луѓе се радуваат, на, за некого „неважни работи“. Денес и емоциите треба да се бранат, во спротивно, се изведува заклучок дека имателот на тие емоции е дволичен.

Светот не е видео игра. Франција на пример, не е играч што изгубил поени, па со таква леснотија да се каже „прашање на време беше кога ќе им се случи и добро е што се случи“! Во петокот деца изгубија татковци и мајки (во некои случаи обата родители), родители никогаш нема да ги видат децата повторно, партнерства, бракови, пријателства - згаснати! Апсолутно е точно дека секој има право да биде индиферентен кон варварски постапки и загуба на човечки животи. Но, од каде правото да се осудува фактот што некој друг жали за тоа?! Знам луѓе кои пиеле кафе на истото место пред само една недела, други имаат роднини во Париз, на трети децата им студираат таму. И јас во целост ги разбирам и за тагата и за жалењето и за нивната испаниченост.

И не знам од каде идејата дека ако некој е потресен за случувањата во Париз, не бил згрозен или тажен кога имало варваризам во Сенегал или Сомалија? Фактот што нешто не е објавено на интернет, не значи дека не постои. Не сѐ е за споделување и не секоја трагедија те погаѓа до ист степен, можеби поради оние погоре споменати различни врски со различни предели од светот...

Но, сѐ додека се наоѓаат причини зошто да се мразат, осудуваат и класифицираат други луѓе според бројот на изразени сочувства и географските координати на поводот за тие сочувства, онакви кукавичлуци ќе се случуваат и понатаму, за жал. Кога нормалните луѓе не можат да се сложат околу тоа кога се жали, а кога се разглобуваат геополитички заговори; тогаш што останува за оние налудничавите чијшто одговор на секое прашање е насилство (оние што во секојдневието би биле претставени од типот што кога ќе го изнервира шефот нема муда да го учука, па оди дома и ја тепа жена му)?!

Размисли, само за миг, како би се чувствувал да беше ти, да отидеш среќен на фудбалски натпревар, на концерт, да излезеш со девојка ти / дечко ти на кафе, да се шеташ по улица по напорен ден, среќен зашто дошол викендот и одеднаш некој психопат да реши дека во тој момент ќе ги лечи своите фрустрации и ќе ти го одземе животот. Толку. Повеќе те нема. Замисли како би им било на твоите најмили во тој момент ако некаде на интернет прочитаат - ако им е, каде беа тие кога...

Leave a comment

Search

Swedish Greys - a WordPress theme from Nordic Themepark. Converted by LiteThemes.com.