Pages

Subscribe:

Ads 468x60px

31.1.2012

Геј

Понекогаш, кога ќе отидам кај мајка ми и таа гледа нешто на телевизија, ми се чуди кога ќе ѝ кажам дека водителот / спикерот / рандом тв лице е геј. Пред малку, одејќи кон продавница, видов еден сладок геј пар. Тие се преправаа дека се пријатели, минувачите се преправаа дека не гледаат ништо.... Се чини дека целата наша земја е основана врз темелите на преправањето.

Некогаш мислев дека сите забележуваат какви афинитети имаат луѓето, затоа што е премногу очигледно. Како да носат неонски знак над глава. Се забележува кој мерка мажи, кој жени, кој животни. Едноставно, не може да се скријат тие работи. Арно ама, најголем дел од луѓето навистина не забележуваат. Но, со оглед на тоа каде живееме, можеби е подобро што е така.

Не се гордеам со фактот што некогаш имав предрасуди од типот „нека прават што сакаат, ама не пред мене“. Израснат сум во заостанато општество. Знам дека тоа не е изговор, но ете, барем се обидувам да се искупам за своите грешки. Не сум горд и со други нешта што ми биле наметнати од околината или семејството, како што е на пример „подарокот“ наречен религија, но убавината на животот е во тоа што никогаш не е доцна да се сменат нештата и да се отфрли непотребниот товар.

Детево излага од дома, а „пријателот“ го чека со кола. Ладно е. Изнасмеан до уво си влага внатре и се гушкаат, онака топло. Ги видов. И сега стварно не ги разберам генијалците од типот на одредени „рапери“ од државава што повикуваат на смрт на сè и сешто што не им влегува во тесниот светоглед, кои се згрозени од ваквото „девијантно“ однесување и, на моменти предложуваа и „затвор за педерите“. Еве, јас ги видов и чудо, сè уште се палам ко млад мајмун на, во најмала рака, чудни жени. Оваа рандом сцена не ми смени ништо во животот, исто како што не ми сменија ниту порно сликите на комшивката, ниту слушањето турбо-фолк на сите комшии кои мислат дека прават услуга на цела поширока околија со тоа што завивањето го рокаат до максимум, ниту несреќата да се запознаам со бројни луѓе што немаат основна смисла за естетика или уметност, ниту пак тоа што сум ги видел сите двајца навивачи на Тотенхем од државава....

Децава беа среќни што се гледаат. Најсериозно морам да прашам - како нивната среќа во животот може некому да му донесе несреќа? Зарем ако го прават она што се правело во генерацијата на нашите родители (мажење - женење, а вистинска љубов на страна со „пријатели“) ќе направи некој да спие помирно? Дали навистина некој мора да живее живот налик на супер херој, со маска кога е во јавност, само затоа што не ги сака истите работи што ги сака масата?

Јас, најискрено им посакувам на сите да си ја најдат среќата во животот. Ако ве прават среќни жени, бркајте жени - една сигурно ќе биде среќна покрај вас. Ако ве прават среќни мажи, бркајт мажи. Ако не сакате физички контакт со луѓе, заминете во планина. Само престанете да гледате преку оградата. Животот е премногу краток. Ако постојано се обидувате некому да му ја ускратите среќата, нема да ви остане време да ја пронајдете својата.

28.1.2012

30 дена

Отсекогаш велев дека едно дело, без разлика од која уметност, за да го оквалификуваш како добро, мора да ти ги допре емоциите, да ти скорне некои јадови, да ти разбуди убави спомени или едноставно да те натера да размислуваш. И тоа добро да размислиш! Нешто може да биде совршено склопено, да биде исполирано до совршенство, да ги следи сите правила за градба, да изгледа грандиозно, но ако недостига таа клучна компонента што ќе разбуди нешто заспано во тебе, ако нема душа, попусто трудот (види: „Меланхолија“).

Синоќа го гледав „Парада“. Навидум, два часа преочигледни шеги и истакнати стереотипи, примитивизам и балканштина. Но, кога ќе се внесеш малку подлабоко во приказната, излегува дека се работи за еден одличен филм. Одејќи накај дома, на Рекорд, добив и рандом удар (од некого што не успеав да го видам оти го снема набрзина), без никаква провокација, што дополнително ме натера да размислам на една тема што се разбуди уште пред крајот на филмот.

Геј правата во филмот може да се сфатат и како симбол за која било карактеристика што ве прави различни од масата, од просекот на општеството, нешто за што тетките со премногу шминка, турбо-фолк мажиштата и сите што живеат по филозофијата „јас да се најадам и напијам денес и ништо друго не е важно на светов“ ве гледаат на криво кога ќе поминете по улица. Всушност, нешто што е интегрален дел од вас и животот ви бил милион пати полесен доколку го смените, но не можете, оти карактерот не се менува.

Јас пишувам. И кога сум радосен и кога сум тажен, и кога ми е убаво и кога ми е за никаде - јас пишувам. Сакам да ги кажам сите нешта што ми тежат, на сите луѓе што ми значат нешто во животот. Јас мразам игнорирање и навестувања, оти тоа ми е подеднакво нелогично колку и обидот за испраќање димни сигнали преку интернет. Сакам отворени карти, оти животот е премногу кус за игри. Се радувам кога луѓе ме прифаќаат таков каков што сум, мака ми е кога сум направил погрешна проценка и излегува дека не можат да се справат со тоа.... Но, живот! Јас пак гордо ќе чекорам по улица.

Но, не ми беше тоа муабетот. Замислете си дека имате уште 30 дена живот. Причината може да биде сенешто: сигурно претскажување од доверлива гатачка дека по точно 30 дена ќе ве збрише автобус; неизлечива болест соопштена од рандом лекар; планирана средба со брана (види фотос); обзнана од НАСА дека астероид ита кон нашава прекрасна планета.... Како би ги искористиле тие 30 изгрејсонца и зајдисонца? Сите нешта драстично се менуваат кога времето е ограничено. Тогаш никому не му паѓа на памет да мисли на кариера, на пари, на градење куќи или купување станови, на сите тривијални нешта што ни доминираат во животите. Тогаш, се враќаме на основите. Тогаш се поставува прашањето - кон кого би отрчале со отворена прегратка, за заедно да ги минете 2.592.000 секунди до крајот? Со колку и кои луѓе би ги трошеле последните зборови и последните прегратки? Кој прави да се чувствувате убаво за себе, кој ве смирува, кој ве прави подобар човек со само тоа што постои?

Имаше една одлична реплика при крајот на филмот - важни се само луѓето за кои би ја пречекорил линијата. Ништо друго не е важно. - Апсолутно точно. Не е важно дали имаме уште 30 дена или 30 години пред нас, животот е премногу краток за занимавање со тривијалности. Или ќе живееш онака како што сакаш, т.е. онаков каков што си или ќе се преправаш оти си нешто друго, за да направиш обичните луѓе, статистите во твојот живот, да се чувствуваат подобро. Или ќе се лажеш и себеси и другите или ќе бидеш тоа што си и ќе се бориш за своето. Трето нема!

26.1.2012

Црно клопче на бело ќилимче

Ако има една работа полоша од снег, тоа е кога снегулките ти паѓаат во кафето. Но, овој пост не е за мене. Овој пост е за мојот ѕвер, кој носи доста иронично име - Мила. Се сеќавам, кога беше бебе, пред 3 години, кога првпат виде снег, од што е тенџере во главата, лаеше на паѓањето на снегулките. Но, сега е веќе друга приказна:


25.1.2012

За љубовта и фудбалот

Еднаш одамна чув генијален коментар дека фудбалот не бил ништо повеќе од 22 будали што трчаат по парче кожа. Секако, можеби и Шекспир не е ништо повеќе од хартија и мастило, но кога ќе навлезеш во некоја филозофија, нештата драстично се менуваат. Во изминативе 15 години, колку што гледам фудбал, токму преку оваа игра, научив многу за карактерите на луѓето и општо за животот, затоа што навивањето, барем симболички, пресликува многу аспекти од другите животни сфери, особено љубовта. Јас ќе направам паралела со Арсенал, клубот што го сакам и секогаш ќе го сакам.

Запознаваш некого и се вљубуваш. Не ти е баш најјасно зошто, но знаеш дека тоа е тоа. Потоа, заедно поминувате време и чувствата се продлабочуваат. Се случуваат многу убави нешта и вие сте на небо, но се случуваат и многу лоши нешта и тогаш луѓето започнуваат да се делат во групи:

Посветени

Овие луѓе се оние што ги прифаќаат другите онакви какви што се. Јасно им е дека секој има доблести и маани и не се обидуваат да го променат тоа. Исто така, јасно им е дека слатките моменти во животот не би биле толку слатки доколку не постоеја и оние горчливите. Тие стојат зад својот избор и кога е одлично и кога е ужасно лошо. Кога ќе се вљубат, тоа трае долго и значи нешто подлабоко отколку испраќање честитки на 14 февруари или до моментот кога ќе успеат да ја легнат својата цел. Ми беше чест што ги запознав!

Птици преселници

Овие луѓе се тие што имаат страст во себе, знаат да го покажат тоа, но ги снемува при првиот знак на неволји, уште во првиот миг кога нешто ќе тргне наопаку. Тие се налик на навивачите на Тотенхем кои ја кршат вратата при бегањето, кога девојка им ќе им каже дека „ќе имаат бебе“. Сигурно ги познавате овие луѓе - во сезоната 2003-2004, гордо носеа дресови од Арсенал (онаа сезона на непобедливите, кога Топчиите направија нешто што Лионела Меси не може ниту во највлажните соништа, без разлика што игра во балетска лига); претходно навивале за Чикаго, по таа сезона за Лејкерс, па кога Челзи се ребрендираше во ЦСКА Лондон се преселија таму, а сега се верни следбеници на Ал Манчестери, затоа што тие моментално го имаат најдлабокиот извор на нафта.

Перпетуум мрчала

Ова е најлошата категорија навивачи. Тие, како и во животот, мислат дека ако виделе нешто, му посветиле внимание и редовно го гледаат, дека тоа веќе има одговорност пред нив. Тие се тие што и во шампионска сезона, одлучуваат да се задржат на оној еден пораз што се должел на „погрешната“ измена на Венгер. Тие се тие луѓе што на својата жена ѝ кажуваат дека треба да ослабе 5 килограми, дека треба да научи шпански (пу-пу, скраја да е), дека треба да стави силикони или разно, во спротивно ќе ја остават, нема да ѝ прават муабет или сенешто. Алтернативно, тие луѓе на своите мажи им кажуваат дека треба да си ги средат веѓите, да ја променат фризурата, да одат исправено, во спротивно нема секс, ќе има тензија или што и да е. Тоа се тие луѓе што мислат дека ако се со тебе, ти им должиш нешто по дефиниција и дека треба да се прилагодиш на нивните желби и потреби. А тоа е толку смешно и толку тажно во исто време....