Струшка хорор приказна

Одделение на струшката болница. Непријатна миризба се шири од подотворената врата од машкиот тоалет за пациенти и посетители. Во внатрешноста на тоалетот, веднаш до вратата се наѕира огромна, отворена корпа со медицински отпад, која зафаќа и дел од влезот. Секој кој би сакал да го искористи тоалетот, мора внимателно да се протне во тесниот простор...

Низ долгиот ходник се слушаат лелеци од пациенти. Посетителите влегуваат и излегуваат без никаква контрола. Ако некој погледне во отворените соби, ќе види како болните лежат на релативно нови кревети, купени во 1969 година, со постелнина сменета пред само неколку Нови години. 

По смената на персоналот, во собата за прегледи доаѓа човек во бел мантил, за кој се тврди дека е доктор кој е вработен токму во таа болница, баш на тоа одделение. На беџот кој гордо го носи на белиот мантил му го пишува името, но бидејќи е невозможно да се прочита, ќе речеме дека се вика Стојко. Внатре го чека забраден човек, со загрижен израз на лицето. 

ЗАБРАДЕНИОТ: Колку што разбрав од претходниот доктор, на пациентот му се слошило од замор и стрес. По инфузијата, веќе не му е апсолутно ништо и сите витални знаци се нормализирале. Сакав само да ве прашам дали има каков било ризик сега да го возам до Скопје?

СТОЈКО: Секако дека има ризик.

ЗАБРАДЕНИОТ: Тоа значи дека треба да остане ОВДЕ цела ноќ?

СТОЈКО: Обавезно!

ЗАБРАДЕНИОТ: Ама, ако претходниот доктор кажа дека не му е ништо, можете само да ми кажете кој е ризикот, за да не се грижам?!

СТОЈКО: Секогаш има ризик кога патуваш. Може да те удри камион по пат... (пред да ја доврши реченицата, ја напушта собата и се упатува кон спротивната страна на ароматизираниот ходник)

СЛУЧАЕН ПОСЕТИТЕЛ (од ходникот кон ЗАБРАДЕНИОТ): И после се чудат докторите зошто луѓе сакале да ги тепаат.

(завеса, неиспрана)

Bookmark the permalink. RSS feed for this post.

2 Responses to Струшка хорор приказна

kirev said...

Зошто да ги тепаш? Па сам си одлучуваш дали ќе ги послушаш или не?!? Не те врзал со синџири да не патуваш, така?

Внукот said...

И јас не знам што сакал да каже случајниот посетител. Само знаеш што ме интересира, друже? Како тоа од сите нешта во приказнава, ти успеа да се фатиш за најневажниот детаљ? Тоа е фасцинантно.

Swedish Greys - a WordPress theme from Nordic Themepark. Converted by LiteThemes.com.