Проклетството на комунизмот

Сум ја имал таа среќа да живеам во две државни уредувања, точно некаде на преодот помеѓу едното и другото. Воедно, имам чуено многу ставови за тоа како она претходното уредување било многу подобро и во него се живеело одлично и горе-долу течело мед и млеко од секоја чешма. Е па, ајде да видиме дали беше баш така.

Дел од информациите во овој текст се по помнење, т.е. од прва рака, ама најголем дел се според кажувања и истражување - бидејќи не сум имал капацитет да сфатам многу работи кога физички сум живеел во другиот систем, оти пилиштарец...

1. Култ кон лидерот 


Тито бил безгрешен и секоја негова одлука била „најдоброто нешто што можело да се смисли“. Дури и кога влечел крајно погрешни потези, официјално и неофицијално тоа било најдоброто нешто во историјата и точка. Сите кои мислеле поинаку се соочувале со последици, на овој или оној начин, ама најчесто на овој.

2. Партијата над сѐ


Има една партија, КПЈ, која има подрачни комитети и тоа е тоа. Имаш две опции: ќе се зачлениш и ќе добиеш работа како граѓанин со вистински идеи или нема да се зачлениш и ќе добиеш @#*. Ако си еден од оние тројца кои не се зачлениле, апсолутно сите врати во општеството ти се затворени. Не само што нема да добиеш работа, туку ќе добиеш опструкции на секој можен чекор, почнувајќи од администрација, преку обид за самостојна работа, па сѐ до школство за децата, здравство... буквално насекаде.

3. Покорност од мали нозе


Образовниот систем во тоа време можеби бил добар во однос на информациите пренесени, но огромен број тогашни деца се осакатени поради ставот кој се пропагираше во него. Авторитетите треба да се почитуваат, без поговор, затоа што ако се авторитети, тогаш некој таму ги донел (партијата) и ти како минијатурна единка нема зошто да се сомневаш во нив. За да ти биде најјасно кој е врховниот авторитет, требаше само да погледнеш над таблата и да го видиш другарот, претседателот, врховниот командант, адмирал и почесен (пополни празнина) Тито.

4. Еден медиум со повеќе испостави 


Иако официјално во тоа државно уредување имаше повеќе медиуми (државна телевизија, републички телевизии и повеќе радио станици), сите имале една уредувачка политика. Главниот и одговорен уредник била партијата. И точка. 

5. Попис на непослушните


Сите противници на системот морало да бидат соодветно контролирани. Цела една тајна служба била посветена на надгледување, следење и прибирање информации за неподобните. Вклучително и дедо ми, кој иако немал создадено нешто конкретно против системот, успеале да му накалемат нешто конструирано, колку да не е без ич. Сигурно не бил сам, но затоа бил дел од предупредување за оние со поинаква мисла. Сепак, стравот чува лозје, нели? 

6. Политички прогони 


Кога некој ќе се најдел на листата на непослушници, по долг и мачен процес во кој бил физички и судски (и како ли уште не) измачуван и малтретиран, му следувал прогон. Овие прогони биле или во локален затвор или на познатиот Голи Оток или пак, за оние кои имале малку повеќе среќа, во некои посончеви краишта, надвор од државата, засекогаш.

7. Закони и „закони“


Во „златното време“ законите не важеле за сите исто, односно за најголем дел од обичните смртници биле закони во вистинската, строга смисла на зборот, а за елитата, т.е. црвената буржоазија тие биле повеќе препораки.

8. Контрола по финансиски пат


Имало работа за секој (член на партијата). Но, имало и градација на плати, одново, обични смртници наспроти црвената буржоазија. Со таквиот систем многу ефикасно и ефективно се контролирала популацијата на целата држава, односно се пацифизирале до степен на незаинтересираност за ништо, особено не за политичките збиднувања. Добиените плати не биле доволни за да се обезбеди добар и квалитетен живот, но сосема доволни за да се задоволи најголемата (вековна) македонска мудрост - може да биде и полошо. 

9.  Државна исхрана


Ова воопшто не значи дека државата обезбедувала храна, напротив, требало напорно да работиш за да се прехраниш, но државата одлучувала што ќе јадеш. Ако ти биле потребни два леба, тогаш добиваш еден денешен и еден вчерашен, оти тоа не смее да се фрли! Ако сакаш бел леб, тогаш мора да купиш и црн. Млеко има кога има, ако не, снаоѓај се - државата одлучува што може да јадеш и пиеш и кога!

10. Најдобри на светот! 


Деловите од државната пропаганда кои опстојале и до ден денешен, иако таа држава не постои речиси две и пол децении се оние што биле најчести и најсилни - нашата (заедничка) држава беше најдобра на светот во сѐ. Постојано трубено по медиуми и претворено во урбан мит: одличен спорт, најдобра војска, беспрекорни политичари и дипломати... Штета што секогаш имало некој надворешен непријател кој нѐ заебувал во последен момент да не го освоиме светот, а можеби и вселената.

Се прашувам, дали некој некогаш повторно би сакал да живее во ваква држава и според вакви правила?!

Bookmark the permalink. RSS feed for this post.

Swedish Greys - a WordPress theme from Nordic Themepark. Converted by LiteThemes.com.