Што се случи со детето од рекламата за „Ќе имаме бебе“ (2. дел)

Според правилата што владеат во тра-ла-ла ленд, т.е. универзумот во кој припаѓа приказната за „Ќе имаме бебе“, бебето Никола, мајка му Ѓурѓа и татко му Станко би требало среќно да си живеат со самото тоа што бебето е зачнато. Сѐ понатаму се сведува на - ќе се снајдеме.

Во првиот дел од оваа анализа ги погледнавме нештата од аспект на реалноста, т.е. колку таа реалност финансиски ќе проголта сега веќе две фамилии, уште во првите шест месеци од животот на Никола. Сега продолжуваме со анализа на она што ќе се случува понатаму во неговиот живот, како и во животите на неговите родители и бабата и дедото со кои живеат или како стојат нештата седум години подоцна...

Според сите пресметки, но и според основната логика, како што бебето расте, сите нешта стануваат поскапи. Полека ќе се намалува потребата од формула и пелени, но и тоа како ќе се зголемува потребата од облека, посложени играчки, дополнителни реквизити, обувки и што ли уште не, чија цена прогресивно расте како што одминуваат годините. И, што во ваква ситуација ќе прават Ѓурѓа и Станко?

Овие двајца тазе родители се млади, неискусни, недообразовани или наједноставно речено - изгубени на пазарот на трудот, а сепак очајно им е потребна работа. Идеално, Ѓурѓа би требало според моделот „секоја жена треба да има 913 деца“ да остане дома, да го чува Никола и едвај да чека да затрудни повторно, за да може лека-полека да си ја постигне квотата. Но, кога ќе се соочи со суровата реалност, кога ќе види дека на син ѝ нема да може да му купи нешто што е неопходно и ќе моли некого за позајмица, тогаш ќе тргне во потрага по работа.

Според површните карактеристики на ликот на Ѓурѓа, кои ни се претставени во делото, пред сѐ наивниот оптимизам и речиси детската лековерност, најверојатно е таа да заврши како продавачка во маалски бутик или пак шивачка во некоја, најблаго кажано, сива конфекција. Ќе биде пријавена на минимална плата, но разликата од 6.000 денари до колку и да е сега минималната плата, ќе ја враќа во готово кај газдата, како што е востановената пракса според јавната тајна. За ваквата одлична прилика, таа ќе работи 6 дена во неделата (во текот на ударните акции и 7!) во просек по 10 часа дневно. Детето ќе го гледа од роденден на роденден, доколку газдата се смилува да ѝ даде слободен ден.

Ликот на Станко пак е претставен како малку поцврст. Тој, покрај фактот што навива за правилниот тим, му пристапува на прашањето што му е презентирано во најнезгоден момент доста аналитички. Ги посочува прашањата што ќе направат најголеми проблеми и бара консултација од неговиот понатамошен партенер во животот. Нормално, наместо тоа, добива емоционално бомбардирање и веќе споменатиот наивен оптимизам.

За Станко постојат две опции. Ако татко му или пак родителите на сопругата имаат добри врски, теоретски е можно да се вработи во државна администрација и да ја достигне екстра платата од 21.000 (+кусур за мастики) денари. Ако не, тогаш би рекол дека би се изборил за место во некоја од странските инвестиции (да не се помешаат со проектот America Works на Френк Андервуд) и ќе успее да дојде до плата од некои 200 евра + ноќна работа и празници, што би можело да ја покачи платата до кај 21.000 денари во добрите месеци. Врти-сучи, пак тука некаде е врвот!

Статистички гледано, многу поверојатно е дека Станко ќе мора сам да се избоксува за работата, што значи, ако има среќа, го чекаат околу 350евра плата, но за работа во смени, 8 часа на нозе, на минимум 25 километри од дома. Секоја смена со организираниот превоз ќе му јаде по еден час плус пред и по работното време, што значи тој секојдневно ќе биде надвор од дома по 10 часа (слично како и сопругата, но сосема сигурно во различни смени). На ова ќе го додадеме и просечното време потребно за сон од 8 часа, излегува дека ќе му останат 6 часа во денот да заврши сѐ што е потребно и плус да помине време со Никола.

Вкупниот буџет на новото семејство ќе биде околу 400 евра месечно (ако имаат среќа и сѐ помине во ред во овој замислен свет). Сѐ над ова е апсолутно лудо и нереално според претставените ликови. Ова е веројатно најоптимистичкото можно сценарио кога станува збор за македонскиот пазар на трудот. Значи може и да биде полошо, но сепак да одиме до крај со оптимизам.

За жал, со 400 евра вкупен приход, ова незрело семејство не се квалификува ни приближно за станбен кредит. Со тие пари, а без помош од нивните родители (кои да се потсетиме беа финансиски исцрпени во првите 6 месеци од животот на Никола и при подготовките за неговото раѓање), тешко е дека ќе купат и кола во скоро време.

Значи сѐ останува како што беше на стартот. Парите се доволни за да се задоволат само основните потреби на бебето, кое сега е веќе дете и да се прехранат возрасните. Не остануваат пари за нова облека, за шетање уште помалку, за луксузи да не правиме ни муабет. Новото семејство останува да живее во заедница со бабата и дедото, а доколку тие имаат уште едно дете (како што е најчесто случајот), тогаш тоа живеалиште станува апсолутен кошмар за сите инволвирани, бидејќи во просек се работи за двособен стан! И така ќе остане во наредните триесетина години, во просек.

На сепак, во оваа приказна, од сите возрасни, некако бабата ќе го крка најмногу, бидејќи е невработена, а се нема пари за градинка, па ќе мора да биде со Никола речиси по цел ден, а некогаш и буквално цел ден! До неговата шестта година, неговата баба воедно му е и дадилка.

Во септември 2014 година, Никола од рекламата за „Ќе имаме бебе“ тргнува во нулто одделение, на свои шест години (без 3 и пол месеци). Оттука натаму, неговото воспитување е одговорност на државата. Никола е дете растено со баба и речиси само со баба, затоа што неговите родители се отепуваат од работа, само за да ги поминат месеците кои им изгледаат премногу. Никола е немирен, претемпераментен, на моменти отсутен и се чувствува како никој да не го сака. Тој знае дека неговите немаат време за него. По сѐ изгледа креветчето и количката не му биле доволни за да биде среќно дете. А, неговата учителка и педагогот не се во можност да се справат со неговото однесување, од проста причина што не сакаат. Барем не за платата што ја примаат.

Во септември годинава, Никола тргнува во прво одделение. Училиштето не му оди најдобро. Не се чувствува сакан, ги нема работите што ги посакува, ги нема и дел од работите што реално му требаат. Заостанува зад своите врсници во секој поглед. Се фрустрира уште толку и однесувањето само му се влошува. Физички се пресметува со другите деца, од училиштето ги повикуваат родителите на разговор, но тие не можат да излезат од работа, па ја праќаат бабата... И сѐ така натаму и сѐ така удолу.
 
Никола ќе го дочека седмиот роденден со мисла дека целиот живот бил запоставен, недоволно сакан, оставен, несреќен и на најдобар пат да стане деликвент. Но, Ѓурѓа беше во право. Барем ги има очите, веѓите, устата и носот на Станко, а тие дефинитивно ја направија вистинската одлука во животот.

Bookmark the permalink. RSS feed for this post.

Swedish Greys - a WordPress theme from Nordic Themepark. Converted by LiteThemes.com.