Pages

Subscribe:

26.12.2011

Има нешто повеќе во животот

Кога бев млад, имав добиено некој впечаток дека животот е така лошо исконструиран, што се состои единствено од маки и страдања и колку и да се трудиш, на крајот сè останува попусто. Арно ама, тогаш се случува нешто што цел свет ти го превртува на глава....

Беше тоа еден најобичен летен ден пред избори. Да не беа проклетите избори, всушност ништо од ова немаше да се случи, бидејќи патешествието ќе се одвиваше во недела, а не во сабота. Но, ете, така се наместиле коцките....

Бевме упатени кон Пројфелскиот Водопад на Длабока Река. Со @MartinMxN некако успеавме да ја повлечеме цела планинарска група по некои ливади, шуми и непроодни предели и крајно да им го искомплицираме животот. Поради тоа, наместо предвидените 3 часа, ни беа потребни 4 и кусур за да стигнеме до целта. А, кога стигнавме - чудесии.

Таман ќе си речеш уште една убавина во животот помина и сега ќе си се вратиме на топло и сè ќе биде во ред, кога те затекнува најлошото невреме што некогаш си го видел и тоа на отворено.... и тоа на место каде што нема ниту едно дрво, на растојание од најмалку еден час пешачење. Околу тебе порој, громови маваат по сртовите (и ништо не ги спречува да те испржат како стаорец во кутија со осигурувачи), земјата се тресе, а сите патеки по кои помниш дека си дошол, веќе се престориле во мали рекички кои со себе ја свлекуваат цела околна почва.

Трчаш во спротивната насока, паѓаш, стануваш, ти се тресе целото тело (што од студ, што од страв), не можеш да се соземеш и си ветуваш дека само ако ова заврши, понатаму ќе бидеш добар, без разлика на сè....

Во тој миг, кога не знаеш дали ќе имаш шанса да ги прекршиш ветувањата дадени пред себе или пак тоа ти се последните неколку здива што некогаш ќе ги изарчиш, сите мисли стануваат кристално јасни, како никогаш порано.

Има нешто повеќе во животот, ама не можеш да знаеш што е, сè додека не ти се појави пред очи. Има нешто што ќе те натера да ѝ се заблагодаруваш на статистичката веројатност, што ете токму онаму каде што си поминал, електрицитетот не бил најгусто напластен. Среќен си што си имал шанса да останеш барем уште некој ден на Земјава, за да можеш да го здогледаш тоа нешто.

Проблемот е што тоа нешто не се опишува со зборови, а оној што го тврди спротивното се залажува себеси. Тоа нешто се препознава најлесно кога ќе пропаднеш во прегратката и ќе го забавиш дишењето, за таа да трае подолго. Тоа е различно од сите обични нешта кои само навидум ни даваат чувство дека сме живи....

Да, тоа нешто е страшно. Ужасно страшно! Затоа секогаш пред тоа нешто стои виљушка на патот. Едниот пат е поплочен со радост. Ако стапнеш на него, го грабнуваш тоа нешто и бегаш, пред да те види кој било. Вториот пат е поплочен со страв. По него бегаш, сам. Бегаш од убавината на животот....

0 коментар(и):