Pages

Subscribe:

15.12.2011

Бомба во долината на овците

Не знам дали чувте дека дечишта пријавиле оти има подметнато бомба во Царина, ама пак знам дека ако некој се зачудил од ваквиот развој на настаните, јас ќе направам стој на раце (што не ми доаѓа баш така лесно).

Веќе пишував за леснотијата со која сето турско ѓубре што го имаме прибрано по телевизииве се класифицира како „програма наменета за целата публика“. Оттаму, не ми е воопшто јасно зошто воопшто имаме воведено класификација на програмата?

Но, да го земеме, конкретниот пример. Овие биле фасцинирани со „машката“ шпанско-турска серија, со мафијашишта, кои тераат некои политичко-пропагандни приказни од најнизок вид. Откако го напишав претходниот пост, ме информираа дека на таа имало триаголниче со ознака 16+ и дека знаците од насилство биле пикселизирани. Но, што фајде од тоа кога имам видено репризи попладне? Тогаш кога родителите се на работа, а маливе се враќаат од школо, на екранот нека има и Баба Рога, тие пак ќе седнат и ќе гледаат, зашто се деца. Со пикселите (како во јапонски порно филм), само претпоставуваме дека сите деца се ретардирани и не знаат што се случува кога некого ќе зачукате со хебла во чело или пак се толку мали што навистина не знаат, па еден ден, кога случајно ќе им падне оружје в раце, ќе застрелаат случаен минувач, само за да видат дали ќе му потечат пиксели од раната.

Овојпат не дојде до ништо толку катастрофално (за среќа). Овие само предизвикале огромна паника во државна институција и, колку што знам, никој не бил повреден поради тоа. Одлично! Но, што правиме следниот пат? Што ако на некои други деца им текне дека не е најинтересно да се претстават како Луда Мара и да пријавата бомба зашто тоа го прават нивните тв херои (никој не може да очекува деца да го согледаат контекстот и да сфатат дека се работи за негативци, оти немаат капацитет да запомнат евтино сценарио од 1.400 епизоди); па наместо тоа решат да направат некоја импровизирана бомба и да се одмаздат на оној што ги малтретира во школо (не доцниме многу зад Американците, излгеда!)?

Оваа генерација расте со најпогрешните херои. Оваа генерација знае дека сите проблеми се решаваат со: пиштол, хебла или 10 милиони долари. Оваа генерација се угледува на некој скиснат во фацата што глуми мафијаш, а зборува како да голтнал ренде, ама му заглавило во грло (кај ги наоѓаат актериве за натсинхронизација?!). Оваа генерација сака да биде дел од долината на овците и веќе започнува да работи на остварување на тој сон.

Не велам дека кога ние растевме беше совршено, но барем телевизијата беше нешто регулирано и прилагодено според возраста. Се знаеше дека кога ќе се вратиш од школо, ќе те дочека емисија за домаќинки, па некоја школска емисија што не ја гледаат ни тие што учествувале во снимањето и нормално, црешата на шлагот, „Македонски народни приказни“ и насмеаното лице на Ѓорѓи Колозов (можеби затоа се трудевме да бидеме добри, за еден ден тоа ненадејно да ни се исплати, акавме по ридови, барајќи го грнето со злато што го заборавил ѓаволот, од што имавме физичка полза, се учевме да гледаме со потсмев на злобните и оние што не знаеја да го ценат тоа што го имаат...). Да, се случуваше да се искрадеме кај некој за да погледнеме порно филм, ама тоа беше инцидентно и искуство за кое потоа се зборуваше со месеци, а не секојдневие. Се случуваше да гледаме и акционен филм, ама секогаш во близина имаше некој возрасен што ќе објаснеше дека тие се лошите чичковци и никогаш не треба да станеме такви.

Јас уште го помнам мигот кога гледајќи некој филм со казина, прокоментирав колку им е убаво со толку пари одеднаш, на што баба ми Трајанка ми рече - немој бабе да се вајчаш со коцка, ќе ми ти ја земат и кујчата и жената. Колку и наивно да звучи, години потоа, кога влегов во едно од електронските казина (кои се побројни одошто приватните домови) за да ја осетам атмосферата, во главата ми одѕвонуваа тие зборови и бев свесен дека одам за да ги изгубам стоте денари и никогаш повеќе да не влезам. А знам луѓе кои во еден час имаат губено по илјада евра, за потоа пеш да си одат дома, среде ноќ, по десетици километри. И со секој следен денар, повторно патот ги води натаму. Но, изгледа така мора да биде кога растеш по долини....

2 коментар(и):

Ѕверот said...

Уште пред 41 година (тогаш го поминав летото во Шкотска и во Англија) забележав дека реалноста таму е сосема различна од она каква што тука ни се прикажуваше... Од тогаш -`благодарение` на сретствтата за масовна комуникација - наместо сликата да се разјаснува таа се` повеќе се заматува. Ги копираме главно негативните појави од `запад`...

Anonymous said...

Синоќа на слава братучет ми ми раскажа за уште едни дечиња кои биле инспирирани од Долината. Овој пат тие решиле да си играат Полат и некој друг лик(не му го запамтив името, ама претпоставувам дека му е непријател на првиот) и да одиграат сцена во која едниот го беси другиот. И да, нашле јаже,“Полат“ го врзал околку врат на “непријателот“ и го турнал столчето од под неговите нозе! Среќа јажето не го врзале така, за да има фатален крај, а и детето пред да го турнат столчето под неговите нозе, се држело со рацете, на јажето околу вратот! Едното дете отрчало кај родителите да ми соопшти дека брат му го обесиле и не можат да го симнат. Оваа случка завршила со среќен крај, но е прашање на време кога ќе се случи нешто навистина страшно!