Pages

Subscribe:

27.11.2011

Бугарски пасоши

Попладнево, некаде на фб налетав на слики од Софија, од редиците Македонци кои чекаат да го добијат својот нов, бугарски пасош. Отсекогаш ме фасцинирал тој феномен, па малку прочепкав и уште малку се распрашав...

Сега да отидете во МВР во потрага по пасош, ќе ви побараат лична карта или извод од матична книга на родените (заедно со л.к. од родеител), а ако моментално не живеете во државава, доказ за тоа дека родителите ви биле Македонци. Сепак, пасошот со себе носи државјанство, што не е мала работа. Од друга страна, на Македонците, Бугарија им нуди пасоши со едноставна изјава во која потврдуваат дека се Бугари, дека нивните родители се чувствувале како Бугари и дека нивните баби и дедовци се чувствувале како Бугари.

Во текот на овие неколку години откако почна манијата, имам налетано на луѓе од различни профили кои се пофалија дека имаат добиено таков пасош. Некои тврдеа дека им требал за патување, други за работа, трети за кола и поевтина регистрација, а некои дека им одел добро со комодата. Секако, меѓу нив имаше и од оние што акаат по секој митинг и протест, потпишуваат писма и споменари за заштита на името, а има и такви кои пекаат: „Ај да го смениме името, за да можеме да патуваме“.

Дали има некој толку испиен во умот што мисли дека Бугарија, една од најсиромашните земји во ЕУ го прави тоа што го прави зашто не може да го поднесе вашето страдање, т.е. неможноста за одење на одмор без да извадите виза или немање поевтина кола? Дали некому не му е јасно што всушност се случува во процеост на тивка асимилација? Бугарите веќе на неколкупати во Европарламентот повикаа на блокирање на македонското зачленување во ЕУ, сè додека не се решел проблемот со дискриминацијата на бугарското малцинство.

По разно-разни основи, во земјава, откако Бугарија ја изел руски мрак по Втората светска војна и падот на фашистичката влада, останале одреден дел Бугари, исто колку што и потоа незабележително пребегнале. Доколку секој од нив стапил во брак со Македонци и нивните деца да ги земеме како автентични Бугари, денес во Македонија не би имало повеќе од 5 илјади, што е занемарлив процент. Но, според она што се слуша како неофицијална информација, ефективно, во државава живеат преку 20 илјади Бугари (по двојна националност) и нивниот број незапирливо расте (Бугарите уште им создаваат вештачки крајни рокови за да го забрзаат процесот - уште оваа година, па уште оваа година, па уште оваа година...).

Замислете што ќе се случи кога таа бројка ќе стане 100 илјади! Европратениците веќе нема срамежливо да настапуваат, туку ќе истапат со официјално барање - огромното малцинство да се признае за трет државотворен народ, да се воведе јазикот како официјален и да им се исправат неправдите. Нормално, дотогаш нема никакво влегување во евроатлански организации, макар и денес да го смениме името. Сосема е ирелевантно што тие 100 илјади не знаат да бекнат еден збор на бугарски јазик, настрана од шундот што го гледаат по турбо-фолк телевизиите, официјално потпишале дека се чувствуваат како такви!

Тогаш би сакал да ги видам како ќе се оправдаат дека пасошот им требал само за патувањето на Тринидад, работата во Боцвана или да си купат џип за 38, наместо за 40 илјади евра. Тогаш ќе сакам да им ги видам лицата на оние што беа „закочени од патриотите“ во нивниот напредок, а всушност самите ја сечеа гранката на којашто сите седиме; но и на големите македонски патриоти кои обвиткани со знамиња славеа 20 години независност, победа на кошаркарите, сенешто, а во џебот срамежливо криеле бугарски пасош - и тие ќе треба да кажат од кого всушност го бранеле името, додека го продавале за грст левови? Е, ама тогаш ќе биде доцна!

P.S. Има некои што навистина се чувствуваат како Бугари и ним никој не може да ги прекори, оти нема заебанција со национално чувство - или го имаш или го немаш. (Исто ја разбирам и постапката да предизвикаш меѓународен инцидент врз база на новооткриеното национално чувство за да повлијаеш на судска одлука за старателство.) Други пак, како во една твитер-преписка што ја имав, се гордеат со вадењето пасош, оти: „....ја сакав нашата држава. но еднострана и невозвратена љубов, па решив да ја прекинам врската. веќе не ми чуе. ќе се курвам!“ Но, за сите останати, морам да прашам - како не ви е незгодно?

34 коментар(и):

sina said...

е ДА!
секој збор ти е на место
поздрав

Дамјан Георгиевски said...

Национално чувство (ваљда мислиш на етничко) нема врска - или барем не би требало да има врска - со тоа на која држава си граѓанин.

Така да не гледам проблем, ако некоја држава е либерална со своите пасоши, а притоа тие пасоши се повредни од .mk пасошите, да не ја искористиш приликата.

Внукот said...

Поздрав Сина.

Не, Дамјане, не мислам на етничкото, баш на националното мислам и затоа така е наведено. Јас гледам проблем, го обрзложив тој проблем и го изложив. А тебе ако не ти е проблем, терај си и понатака. Поздрав!

Новица said...

Романтизирање на правниот однос што граѓанинот го има со државата. Не.

Внукот said...

Од мој аспект пак, поткопување на сопствената држава, исто така не.

Anonymous said...

До Дамјан:
Националното чувство навистина нема врска со тоа на која држава си граѓанин. Но кога во една држава се определуваш за една националност, а во друга држава за друга, е тогаш веќе има врска бидејќи некого лажеш! Бугарија секогаш и секаде ќе рече дека Македонија си ја излажал кога си велел дека си македонец... Но сепак бг пасошите се повредни од мк... Но сигурно и бг националното самочувство е повредно од македонското, бидејќи и кога пред 12-15 години немаа тоалет за газ да си избришат, а камо ли џипови, шетање по странство или поевтини регистрации, ни еден бугар не побара македонско државјанство!

troj4e said...

дојдете да живеете некое време во источната наша државичка,јас сум сигурен дека ќе размислите дали да не поднесете за странско државјанство.ако не идете да работете во Скопје каде ќе ве осакатуват правејќи некое замислено градче или да работите иста работа во Словенија,Италија и слично

аждер said...

се чувствувам поспано па можеби и нема да има смисла ова шо го пишувам.

мислам.... знам кое е чуствтото на лутина, радост, тага итн... но чувство на бугарштина или македонштина?

која будала лаже дека може некој да се чуствува како бугарин или македонец?

жива глупост!!!

или си бугарин, или си македонец или не знајш шо си.

трето нема!!! ;)

ама ајде да не забегаме по делби, дај првин некој да ми објасни што значи да се чувствуваш како човек, пред да почни да дели по национална основа.

а шо се однесува до националноста или еве народноста пошто има разлика од народ до нација. да бидиш припадник на еден народ нема врска со твоите чувства туку има врска со твојата култура, јазик, обичаи и слични културни врски.

е сега се чувствувам бесен :)

Внукот said...

Тројче, прочитај го анонимниот коментар веднаш над твојот и размисли уште еднаш.

Аждеру, не да не сум расположен за препукување вечерва, ама тоа чудо некое е! :)

Anonymous said...

Во право си за тоа дека Бугарите ќе ни прават проблем за влез во Европа кога ќе се зго...

чекај, ќе ни прават проблем за каде? За Европа? Ти сакаш да влеземе во Европа?

Криво ми е дека имаме притисоци од соседите, но ако тоа е единствениот начин да се опаметиме дека Европа не ни треба, тогаш I take it. Само да не трае долго!

Внукот said...

Тоа е најочигледниот проблем. Ќе бараат официјален јазик, специјални права и што ли уште не, за малцинство кое не постои.

kung fu panda said...

еве да речеме внукот е во право, и воведат трет државотворен јазик и народ - бугарски. И ШО?

vBarlakoski said...

Бугарија ќе ја кочи Македонија во евроинтеграциите?

Едино би било проблем ако го сменат името во Северна или Горна Македонија. А и да ја кочи, во секој втор муабет тие за нас не се соседи а се „џупци и татари“.

И сега одеднаш почна да не боли колено?

Второ, албанците кои што зедоа втор македонски пасош, зашто сеуште се албанци а не македонци? (пошто македонците кои земаат втор бугарски пасош се бугари нели)

И по логиката на нештата, таму исто треба да има барање за воведување втор државен јазик македонски. Пошто ако тука македонците со втор бугарски пасош би иницирале за воведување на бугарски јазик, тоа би било логично.

Сега да прашам, зашто по логиката на албанците во Македонија, не се побара повеќе права за македонците, нели сега тие имаат и бугарско државјанство?

Процентуалната застапеност би се одредила на попис. Така што не верувам некој со двојно државјанство да се попише како бугарин одколку македонец.

А во врска со претпоставките што би било ако би било, ако баба ми имаше колца, ќе си возев бмв.

Сепак, добро образложение на текстот Внуче :)

Внукот said...

Друже, логиката е едноставна - основа нема за таквите барања, ама памти, да видиш дека баш тоа ќе се случи, веројатно како почеток на поголем проект за асимилација.

Приказната со Албанците и двојните државјанства е друга, нашата држава не бараше да потпишат дека се Македонци. Еве, некој спомна дека Бугарите само имале либерална постапка за вадење пасош. Арно, оди влези со пасош од Гана, на пример и побарај бугарско државјанство, да видиш каков одговор ќе добиеш.

И нема ти што да бараш таму со нивните двојни државјанства, оти тие при барањето имаат потпишано изјава, при полна одговорност, дека три генерации наназад се Бугари. Иако сум сигурен дека дел од нивните баби и дедовци што гинеа по планиниве во борба со Бугарите во Втората светска војна, сега се превртуваат во гроб.

vBarlakoski said...

Односно тоа со потпишаните изјави, кај нас нема таква институција каде што можеш да извадиш таков документ.

А го има моментот што да имаш американски пасош е привилегија, а бугарски - предавство.

Бугарите стануваат малцинство на домашен терен, тоа им е секирацијата нив.

Само што основниот проблем е егзистенцијата... а за евтина кола и кучење по странство тоа е веќе лицемерие.

Внукот said...

Не е исто. Би било доколку Бугарија даваше пасоши од ракав на секој што ќе побара. Ама не е така. Мора да има позадина. Секогаш има.

vBarlakoski said...

Едино ме иритира затоа што ние веќе имаме втор официјален јазик во државата, и сепак не гони параноја односно бугарија.

Внукот said...

Баш затоа што имаме, ако се воведе и трет, тоа ти е автоматска федерализација и толку од Македонија.

Anonymous said...

трагедијата на бугарите од македонија се прикрива со форсирањето на трагедијата на евреите од македонија. За жал трагедијата на бугарите во македонија продолжува и понатаму, источна македонија се празни.

Anonymous said...

На кого треба човек да се „правда„ за приватните одлуки?!??!
Дозволува ли македонија двојно државјанство?
Дозволува!
Внуче, каде ве боли?
истиот анонимен од пред малку.

Внукот said...

Кога излегуваш да протестираш за заштита на името, а си потпишал изјава дека три генерации наназад си Бугарин, тогаш треба да се правдаш. Ако не некому, барем пред себеси. Оти некого сигурно лажеш.

Anonymous said...

Се ми се чини дека ги мразиш луѓево со бугарски пасоши.
Генерално, не е здраво мразачкото чувство.

Anonymous said...

Obrazovna vest, taze:
http://www.trud.bg/Article.asp?ArticleId=1126257

Внукот said...

И? Што со веста сега? Авторитетот прозборел. Ај, да се отепаме самите, ако не.

Anonymous said...

Не се работи за авторитет, за аргументи се работи.
Против аргументи можеш само да гледаш во земја, да шутираш камчиња и да пцуеш во памет.

Внукот said...

Не е можно да си сериозен. Кои проклети аргументи? Дури и да била „измислена“ Македонија, дури и да настанала завчера, од воздух, во ситуација кога постои изградено национално чувство, таа е реалност. Соочи се со тоа и продолжи да шутираш.

Anonymous said...

За стравот се работи, реалноста е таа, се слагаме тука.

vBarlakoski said...

http://www.plusinfo.mk/vest/24860/Vo-ohridski-Tineks-kasierki-samo-so-partiska-knishka еве внуче за што во глобала се вадат истите.

Иначе цела дијаспора е со двоен пасош па пад се потпишува за името, исто така тие имаат право на глас веќе.

Бугарите се најмала грижа, мислам дека многу поскоро Косово и Албанија ќе си дојдат по своето, но пусто македонче, секогаш сме со набиена параноја дека Бугарите се Баба Мецана и ќе не јаде дури спиеме.

Пак ќе ти кажам, само на попис може да се реши тоа колку има бугари, а никој од овие нема да се потпиши како таков, зашто колку и да им е мил конформизмот или револтот затади кој посегнале по пасош, тие си ја сакаат Татковината. Политиката е таа што е виновна за тоа посегање. Размисли и ќе видиш.

Внукот said...

Друже, го сфаќам и тој егзистенцијален аспект, ама па од друга страна, кога братучед ми одеше да работи во Словенија, имам дремено со него пред словенечката амбасада добри 4 саати (прочитав цела книга од нога). Дали тој беше будала што не се одлучи да извади пасош, па одеше по регуларен пат или пак си се држеше до принципите. И тоа е прашање за кое вреди да се размисли.

Можеби официјално и законски не можат да сторат многу, но собраната бројка потписи може да послужи како иницијатива во европарламентот, на пример. Тоа несомнено ќе направи огромни проблеми. А за да видиш дека пасошите не се така безопасни, прашај дали ќе му дадат на некој од Дагестан така лесно бугарски пасош. Секогаш има задни намери во „добрината“. Секогаш.

vBarlakoski said...

Па добро и ние доделивме 150 000 државјанства на албанци, а на една кутра германка што е мажена за некој од гостивар несакаме да и дадеме. Задните намери ни се дома. Дагестан не беше една административна држава со бугарите па за да им дадат. Но и нив ќе им дадат ако си поднесат документи по регуларен пат и доколку исполнуваат услови од законот за бугарско државјанство.

Малкумина се тие што земале визи по регуларен пат, ама сепак и околу тоа има да се дискутира, кој можел зел, кој неможел , зел тоа што му се пружило како едини излез.

Нас битката ни е загубена одамна ми се чини, па сеа само се обидуваме да намалиме штетите.

Ne mi e nezgodno said...

Незнам дали знаеш дека ако сакаш да работиш легално, односно да стекнеш работна виза во еу, а не си реномиран универзитетски професор или доктор специјалист и истовремено поседуваш само МК пасош, единствено што можеш да направиш е да извадиш БГ пасош за да го постигнеш тоа.

Ете ти уште една причина покрај евтината кола и одење на одмор. Па може некој од оние што 'не им е незгодно' извадил поради тоа а? што викаш?

Внукот said...

Викам дека кога братучед ми од Струга вадеше документи за да работи како градежник во Словенија, дремев со него 4 саати пред словенечка амбасада и во тоа време прочитав книга од 300 страници. Ама, тие се будали, сигурно.

Anonymous said...

Кој кретенизам од народ ќе да бевме, па одозгора на се некои се обидуваат со премногу зборење и фрлање недржечки “факти“ да ја оправдаат плитката мисла насочена само за остварување на утрешните цели на нас македонците. Причините за земање пасош беа и сеуште се алчни, банални и екстремно непромислени. Бугарија има вековна политика за омаловожување на нашиот народ и ако не од читање книги, тоа требаше да го знаат од муабетите на бабите и дедовците им.....Се ова ќе ни се врати како бумеранг, а тогаш нема да има никој друг да обвиниме освен самите себе. Работење во ЕУ? Ќе ти се молам, зошто не отидоа да работат во други земји? Светот само Еу е? Туку видоа лесен пат и не беше важно што треба да се прокоцка! Ајде прашајте кој од сите што зедоа пасош отидоа да работат во Еу, а и ако отишле, што поточно работат???? Јас бев таму кога доаѓаа со празните глави, потпишуваа дека едната баба или дедо им се бугари (толку беше потребно, не три генерации) за да се влечат по софијските улици и да се правдаат пред кој како стигнат, оти колку и да беа некои од нив прости, пак знае дека тоа што го прават не е во ред! Немам ништо против двојно државјанство, па дури и бугарско, ако имаш релна причина, но ваква масовна асимилирачка пропаганда, и да бидеш дел од неа доброволно, па се прашувам дали воопшто заслужуваш да имаш држава.......Како и секогаш, самите си копаме дупки, зашто мислиме дека тревата е зелена на другата страна, а нашиот двор и во изболство на вода сами сме го исушиле........Некој кажа дека ќе си дошле по своето сите, која е таа будала? Кое свое ти се молам? Имам многу пријатели бугари, живеев во Бугарија со години, со целата почит спрема моите пријатели (беа доволно свесни да не влегуваат во такви дискусии со мене), иако секогаш знаев дека не гледаат како ’свои’, но тие ја користеа секоја можност за да продискутираат дека ние сме бугари....всушност имаат и една изрека “Макето е прво качество б’лгарин“.....тргни од таму, прошири мислата до наредните 50 години и тогаш расправај ми за работа во ЕУ!

vBarlakoski said...

Ќе постирам една вест од Шител, во споредба со бугарофобијата.

http://sitel.com.mk/dnevnik/makedonija/prosvetnite-inspektori-ne-smeat-da-roshkaat-po-tashnite-na-uchenicite

Па сега размисли што ни е денес и утре, и зошто толку упорно мислиме за по 50 години.

Иначе макето е прво качество блгарин е муабет на пешо и гошо шо би се рекло во блгарија. Но не очекувам некој тоа да го разбере, зашто веќе исти такви 50 години а и згора се труби за блгарофобија. Ама јебеш ти, ќе ни ја лапнат мизеријава, пази богати?

Патем секој си има своја логика, според нивната, Македонија до пред неколку децении била под административна управа на Блгарија, па затоа и даваат лесно пасоши.

Според нашата, до пред некоја деценија бевме антички, ама тогаш немало пасоши па затоа и нема да даваме.

Внуче, односно брачедти, кој успеал да влезе успеал, кој не си го бара чарето. Јебеш ти идеја за по 50 години кога децата ти се гладни.