Отсекогаш ми беше чудно кога на часовите по историја ги слушав зборовите: „Пет века под турско ропство“ како рефрен, во речиси секоја лекција поврзана со Македонија. Се создаваше во мене чувството за неправда, гордост што претците издржале и покрај ваквата потешкотија, но некаде во некој зафрлен дел од умот се појавуваа и прашања - зошто ние, за разлика од сите наоколу, толку долго сме останале во рамките на Османлиската држава, иако на оваа земја се сториле неброени зулуми?
Иако не љубам повикување на автори, сепак Аристотел е еден од основоположниците на науката и не можам да ја одминам неговата дефиниција за човекот како политичко суштество. Што останува од човекот кога тој престанува да размислува за општествените текови, кога престанува да ги изнесува идеите и замолчува? Дрон, робот, автоматизирано суштество, зомби....
Реченицата „Не ме интересира политика“ е луксуз што не можат да си го дозволат ниту Швеѓаните, а камо ли ние. Секако, во секој миг можеш да кажеш дека не те интересираат партиите и нивните ставови, но никако политиката, никогаш политиката! Политика сме и јас и ти, политика е цената на лебот и бензинот, политика е и разговорот со берберот, политика е и оној миг кога со девојката / момчето си зборувате каква сакате да е подобрата иднина за вашите деца....
Мене ми е смачено да слушам: „наведната глава - сабја не ја сече“, „ќути, трај, има и полошо“, „ако не се буниш, никој нема да те чепка“.... А, кој ќе се буни место мене? Кој може да знае што ме боли, па да каже и да побара лек? Молчењето е злато само за оној што го прибира арачот и за никој друг!
Тажната вистина е дека во земјава има сè повеќе деца кои не само што немаат глас, немаат мислење за ништо, немаат сопствени гледишта, туку и се благодарни за тоа. Тие сакаат да седнат навечер, да изгледаат епизода од омилената турска шпанска серија, да гласаат со смс од 94 денари + 18 ддв во финале од некое ново талент-шоу кое ќе ја открие „новата вакво-таква ѕвезда“ што сите сложно ќе ја заборавиме во рок од 72 часа, напорно работат на проектот - извлечи колку што можеш помалку од своето образование, покорно отпоздравуваат кон овој или оној, за потаму во животот да можат да поминат со колку што е можно помалку бранчиња оставени зад себе, небаре никогаш не биле тука....
Останале (не)запишани неброени генерации што во „турско“, кога ќе се начуело по нешто за востанија, за селски буни, за заедничко спротиставување на агите, беговите и сите други зулумџии, се тргале на страна од „политиката“. И така, лека-полека, Македонците се претопувале во македончиња (со потенцирана мала буква!). Секојпат потоа штом нешто се одлучувало, македончето ќутело, траело и се тргало на страна, не дај боже случајно да не се допре до некоја политика, по што ќе мора да донесе одлука во животот позначајна од: дали наутро прво да кликне на фејсбук или на некој од најновите генијални ремек-дела на демотивација.мк!
Времето на востанија и селски буни помина. Денес се други времиња. Но, во колективната свест ние сè уште сме под „турско ропство“ (кое нема никаква врска со Турците!) и немаме посериозна намера да се ослободиме. Полесно е да ја завртите главата кога бирократите по шалтери малтретираат некоја бабичка одошто да помогнете. Полесно е да го спуштите погледот в земја кога ќе ви се сервира неправда, отколку да го кренете гласот или да застанете рамо до рамо со оние што веќе го сториле тоа. Полесно е да ги славите оние стотина ликови од историјата што никогаш не молчеле, отколку илјадниците што глас не пуштиле.... Да, полесно е да се биде македонче одошто Македонец!



22 коментар(и):
Ние 5 века турско ропство другиве 4 и пол.
браво... многу искрено и точно кажано :)
Цитатот кон кој се обраќа авторот не е на Платон, туку на Аристотел. Отсекогаш ми било фасцинантно како успеваме за секојдневната ситуација да најдеме навидум жестока и паметна аргументирана позитивистичка критика на нашата општествена реалност чиј темел лежи во некаква си квази-аналитичка интерпретација на историските прилика од Отоманскиот период.
Аноним 1, затоа што 50 години поминуваат дур да трепнеш и уште повеќе затоа што во тој период не исчезнала уште една генерација, ти си во право.
Злате, поздрав. :)
Аноним 2, прво, благодарност за испраквата. Второ, мене ми е јасно дека ова е квази-аналитичка интерпретација затоа што нам секогаш и без исклучок ни е некој друг виновен, никогаш ние.
Го чуваме Кубурот за зловреме.
Браво. Фалеше да се срочи ова на ваков начин, стварно точно и искрено.
Проѕирна пропагандистичка манипулација.
1. Кога дошле Османлиите немало Македонци, немало нации. всушност да не биле тие денес немаше да има Македонци.
2. За локалните феудалците Османлиската империја била НАТО/ЕУ. Крале Марко на пр. - додека другите се тепале на Косово тој си бил турски вазал (напрај паралела со денешницата).
3. Претпоставените претци не се „ние“. Тие си го правеле истото што и вие - оделе со доминантната светска суперсила во нивнотот време. Како што вие сте прозападни зашто тоа сега е „најнапредно“ (читај најсилни) така и тие биле „происточни“ зашто тогаш тие биле најсилни.
Барлакоски, тоа ти е.
Блу, bow.
Аноним (кој и да си по ред), си земаш за право да претпоставуваш какви се моите ставови во однос на „доминантните“. Ќе се изненадиш многу ако дознаеш дека овој „пропагатор“ не му дошло особено при срце „да оди“ со ЕУ, а е против „одењето“ со НАТО? Патем, морам да прашам, како тоа претпоставуваш претци? Инаку, можеби не е до нациите, може е до македонската територија која ги натерала луѓето да ќутат најдолго. Кога ќе размислам, мора да е водата. Највкусна е, ама мора да има „смирувачки“ ефекти.
@Внукот
Не само што луѓето не ќутеле туку и мигрирале (оделе на „Запад“, пардон на „Исток“ - исто ко денес) на османски територии заради помал данок. Да имаше увид колку имало во 14 и 15 век христијани-тимариоти и да знаеш што е тоа ќе разбереше.
Добро Аноним, со оглед на тоа што јас не знам ништо, би те прашал вака како експерт - во што „мигрирале заради помал данок“ не се поклопува со молчеле и трпеле?
@Внукот
Па не трпеле, туку оделе каде што сметале дека има подобар живот а одбраните имале среќа да се исламизираат и со тоа да станат граѓани од прв ред (денешен еквивалент на американско/ЕУ државјанство). Нормално Османлиите тоа не го дозволувале на сите (само на најбогатите, пак исто ко денес) за да имаат кого да експлоатираат а не зашто каурите „верата не си ја давале“.
Алал ти вера Анониме, за генијалниве паралели и начинот на кој успеваш да „незабележливо“ да вметнеш религија во темава. Ма, рака ти давам!
Е сега, повторно ќе те прашам, што правиме со 90% од населението што не отишло никаде, не се исламизирало (не по богатство туку по принципот тор-беш - претпоставувам експерт како тебе знае за ова, меѓутоа одбира да не го спомне), ама глас не пуштило во петте века? Што правиме што колку и да сакаме не можеме сите да сме потомци на една рака револуционери што се појавило, а сигурно сите сме потомци на „кротките“? Ти не го гледаш повторувањето на историјата, не ја гледаш кроткоста која повторно не’ гази како народ?
@Внукот
Не вметнав религија, не карикирај, едноставно во тоа општество муслиманите биле граѓани од прв ред (формално барем до Танзиматот од 1839 год.) за разлика неверниците (каури) кои плаќале додатни даноци (арач и девширме) за тоа што не се правоверни.
Друго, што има врска чив потомок си? Дали ако си потомок на „револуционер“ тоа ти дава некои „револуционерни гени“? Овие тези ме потсетуваат на еден луд австриски чичко со бркиња...
Конечно, историјата се повторува ама ти не согледуваш како. Доаѓа суперсила и „македончето“ веднаш сака да стане како нив: мода, музика, јазик... Сегашната „европеизација“ е тогашната ориентализација - ете како историјата се повторува, пробај да сфатиш, ако не облакај фармерките (димии, фес и сл.), слушај Џемироквај (чалгии, зурли), биди кул (терај раат) и навивај да се приклучиме кон евроатлатските (атлантските??!) интеграции. Да поедноставам: денешен Стамбол се Брисел и Вашингтон.
Анониме, откако ти кажав дека тие не се мои ставови, ти повторно ми ја тераш истата теза. Во постот се говори за молкот, без разлика што му се сервира на македончето, тоа ќе го прифати, затоа што некој му кажал дека тоа е добро, не затоа што размислило со својата црпка - да, тоа е она што го дефинира македончето - фала што ми ја поткрепуваш тезата со нови аргументи.
Од друга страна, немој да искривуваш тези, не дека ќе ти успее некогаш, ама грдо изгледа кога се обидуваш. Во постот пишав дека ги славиме стотиците луѓе што дигнале глас кога им било тешко, а ги одмолчуваме илјадниците што си траеле, за да не им е потешко одошто им било. Јас имам и такви и такви претци (како што веројатно имаш и ти). Со едните се гордеам, од другите се срамам. Токму затоа во животот никогаш не сум замолчел пред неправда, макар и да ми носи лична штета - џабе живот ако го живееш како глушец.
Внуче на претците со кои се гордееш, гордеење со претци било да се вистински, замислени или идеализирани е китење со туѓо перје кое преоѓа во лечење комплекси а може да ескалира и до мамутски размери, ако си во Скопје прошетај по плоштад па ќе сфатиш. Никој не е одговорен ниту заслужен за постапките и (не)делата на своите претци туку само за своите постапки и дела.
Анониме, пак бегаш од муабетот - повторувањето на грешките на генерациите претци што континуирано грешеле преку 500 години е тоа загрижува кај овој народ. Моите лични чувства не се важни и ако планираш да коментираш и понатаму за мене, тогаш веќе немаме за што да дискутираме. Остани ми со здравје и сполај ти.
Внуче, контрадикторен си, ако твоите „лични чувства не се важни“ тогаш зошто ги поттураш под нос? (пиша „Со едните се гордеам, од другите се срамам.“)
Како и да е, не можеш така лесно од ракав да кажеш дека некој континуирано грешел 500 години, небаре се тоа 5 минути и ти си тотално запознаен што и како било.
Плус игнорираш прост факт што „тој некој“ настанал во тие 500 години.
Значи "македончето" молчело 5 века, и заради тоа лошо поминале низ историјата. А сега авангардната и освестена сајбер младина веќе нема да молчи и ќе го крене гласот. Уште еден пост со слична порака како оној за жените и спомениците.
Многу "партизански" ти се идеиве пријателе. Мислиш дека само ти си се се сетил на овие и вакви идеи: "Мене ми е смачено да слушам: „наведната глава - сабја не ја сече“, „ќути, трај, има и полошо“, „ако не се буниш, никој нема да те чепка“.... А, кој ќе се буни место мене?"
А од каде си ти сигурен дека твоите идеи се ок. Дека твоите ставови се во ред и дека си во право кога "веке не можеш да трпиш".
Тоа е индивидуално чуство и немој да му го наметнуваш на населението. Уште еднаш ке те потсетам дека границата помеѓу демократија и анархија е многу мала. Многу лесно се преминува на другата страна. Немој да претераш и да забегаш, затоа што ке мавнеш со глава в зид. Зид кој ке ти го постават другите кои не ги "разбираат" твоите револуционерни ставови, но знаат што е анархија.
Демократските системи и уредување си имаат свои ред и систем и треба да се почитува. Тоа не е „наведната глава - сабја не ја сече“ , туку нормален однос кон системот.
Томиславе, во однос на твоите коментари што останаа без реакција од моја страна - во еден миг, јас, искрено те сфатив тебе. Гневен си на партија што ти нанела лична неправда, се плашиш од повторување на тоа, па сега ги браниш позициите на нивните противници дури и кога се неразумни. Лично не верувам во концептот на „избери го помалото зло“, но го почитував твојот став во целост, како твое основно демократско право.
Сега излегуваш со ваков коментар и почнувам да се прашувам дали ти ги разбираш демократските принципи?
Влегуваш со „клизачи“ и саркастично ѝ се обраќаш на некоја „сајбер младина“, ме напаѓаш мене лично, наместо изнесената идеја (тргајќи го фокусот од главната поента) и повторно ми даваш порака (индиректна, нормално) дека треба да молчам, затоа што ќе сум мавнел во ѕид - „Зид кој ке ти го постават другите кои не ги "разбираат" твоите револуционерни ставови, но знаат што е анархија“.
Ајде, куса лекција по демократија. Индивидуата (јас) е основна клетка на општеството. Таа има загарантирано право на глас и право на изнесување на своето мислење и идеи.
Ќе сакаш да ми објасниш како тоа јас наметнувам идеи на „населението“? Зарем луѓето ги сметаш за идиоти на кои секоја индивидуа може да им наметне став? Зарем луѓето не знаат да размислуваат?
Македонецот не станал македонче само затоа што ја веднел главата или пак ја пикал в песок, туку и затоа што му викал на својот сограѓанин - молчи, некои попаметни таму знаат подобро од тебе.
Во некој миг, би било убаво да изнесеш и сопствен став за нештава, наместо да беседиш за мене. Ако си сигурен дека мојата идеја не е добра, контрирај со твоја, не само да плукаш по шаблон. Се залагаш секој да не може да каже што го мачи? Се залагаш политиката да остане привилегија само на партиите? Се залагаш и натаму активно сите да молчат?
Како им наметнуваш свои идеи? Па преку протестите и преку блогов. Ете како. Инаку не велам дека треба да молчиш....и никој не ти забрани да го кажеш својот став. И тоа вие стотина луѓе...пази само стотина, го правите цел месец на Скопските улици, и малтретирате граѓани со тоа.
Но време е да сватите дека никој не ве подржува. Издиша балонот. Кога ке сватите дека е доста.
Ете ви пример од Италија од пред некој ден. Како се протестира кога си навистина засегнат за некое прашање.Имаше протести против изградба на тунел, и имаше 180 повредени и незнам колку приведени. Протест за чист урбанистички проблем...и тоа не мирен. Но луѓето кои протестираа не побараа министерот да поднесе оставка, или некои други политички барања. Не се мешаа во политика. Замисли тие да почнеа со пароли "Сакаме демократија" или "за подобра Италија". Е гледаш...не...ним им е добра италија, но не им треба тунел.
А вам заради убиство одеднаш не ви чини Македонија, и ви треба повеке демократија. Мешате баби и жаби.
Но вие сте поголеми борци за демократија...вие повеќе знаете за демократија од Италијаните. Пријателе...секој ден ке ти наоѓам примери со кои ке ти докажувам дека не сте во право. И искрено...веќе ми е здодевно да дискутирам на оваа тема. Вие малку си ласкате и мислите дека сте авангарда или совест на општеството..јас мислам дека не е така. Но хард филингс.
Ким Јонг Ил има апарат со кој може да наметнува нешто некому. Јас можам само да изнесам идеја и да оставам некој или да ја прифати или не. Пријателе, ти повторно не излезе со свои ставови. Ти повторно не излезе со свои ставови, туку повторно тргна по шаблонот (набројување што јас не смеам да направам не е твој став). Оттаму, сметам дека веќе немаме за што да дискутираме.
Внук,
де те молам, нека ни објасни Г-динот Анонимен (оној со повеќе коментари да нема забуна), малку за синдромот наречен 11-ти Октомври, или и во почетокот на дваесетиот век на балканите немало формирано нации и национални самочувства.
А бе вечно сме биле „турниме да кинисам“, та као и да сме се викале низ историјата, се ми се чини дека баш таа одредница (кога веќе сите други ни ги оспоруваат) може да не издефинира како посебен етникум.
А со партејциве........., со нив џабе везеш, што заради тоа што се природно „надарени“, што заради тоа што за ситен интерес и родена мајка ќе продадат а камоли став.
Поздрав.
Post a Comment