Pages

Subscribe:

20.7.2011

Македонија ја наведна главата

Пред десет години во Македонија имаше војна. Не беше голема војна, не ја зафати целата територија, ама беше страотна. Можеби не за сите граѓани, можеби само за оние што ги почувствуваа последиците на свој грб, но беше страотна. Оние другите, што мислеа дека се спасиле или пак поминале лесно, допрва ќе ги чувствуваат последиците, откако македонската држава го направи и последното наведнување на главата - овојпат до земја!

Слика 1 - Стојам на сред село во Волково, на еден неверојатно пороен дожд, помеѓу стотици луѓе со наведната глава. Во близина удираат громови (првпат во животот видов како удира гром во дрво!) но никој не се поместува. Се чекаат други луѓе од улицата што доаѓа од Лепенец. Оттаму носат уште двајца во ковчези. Плач се разлева и допира до мене, иако звукот од капките што ми удираат во главата е разорен.

Поворките се спојуваат и сите заедно тргнуваме кон гробиштата, угоре по патот кон Кучково. Првпат во животот сум дел од погребна поворка. Оној ковчег по кој јас дојдов внатре крие дете од дваесет и нешто години. Нагазната мина не дискриминирала по возраст.

Секој чекор потаму дождот по малку попушта, но и натаму е доста силен. Чекорите се болно бавни. Во мигот пред да влезам во гробиштата се вртам наназад. На Скопска Црна Гора, таму каде што ги оставија своите животи огрева сноп сончева светлина. Ја веднам главата и чекам што побргу да дојде мигот кога ќе ги спуштат в земја, за да можам да заминам....

Слика 2 - Денови подоцна, истиот тој проклет август, нешто пред полноќ, разговараме во една локална флиперница. Сите пилиштарци од 17-18 години. Се препираме за нешта поврзани со војната, се надеваме дека тоа ќе бидат последните жртви, дека подобрата иднина ќе ги избрише грозните настани што се случија. Слушаме патриотска музика наменски направена за војната....

Одеднаш, во флиперницата влегува резервист, пијан до степен да не знае кај е, ама недоволно за да умре. Изразува желба да игра фудбалче и не дозволува никој да замине. Сите мора да седат. Калашот го мава на масата пред мене (со цевката во моја насока) и си зема жетони и со некои од децата почнуваат да играат. Не може да го погоди топчето, ама врти, мавта, пцуе.... Ова трае приближно два саати. Сите патриотски илузии се срушени.

2011 година - Во Македонија, по скратена постапка се амнестираат од одговорност сите што направиле злосторства до 26 (или 27?) септември 2001 година. Не се негира дека постоеле тие злосторства (киднапирање цивили, силување цивили, убиства, намерно предизвикување хуманитарна катастрофа), туку се поништува секаква одговорност на незнајните извршители. Имплицитно се испраќа порака дека ако имаш барем краткорочно разработена воена стратегија и добра политичка позадина, тогаш можеш сенешто да правиш без какви било последици - каде? - во чудесната земја Македонија.

19 јули, 2011 година - во целост се разочарувам од мојата татковина која ја сакам од сè срце, истата онаа татковина што мисли дека може да му покаже среден прст на меѓународното право и спроти сите конвенции и правила за војување да амнестира дела што не се за амнестирање и спаѓаат во доменот на лична, а не на колективна одговорност; истата татковина што паралелно со ова се повикува на меѓународното право во спорот со Грција; истата татковина што сама си пукаше во нога....

Не ми е веќе грижа што секоја тронка гордост што ја имавме вчера беше погребана, токму од оние што себеси се прогласија за бранители на идентитетот и на кои, токму од тие побуди народот им ја довери власта уште четири години. Не ми е грижа ги направивме и првите чекори кон федерализација, со вториот државен јазик и новите правила за знамињата. Не ми грижа за ништо! Потребно ми е многу да се разочарам од нешто, ама кога ќе се разочарам нема враќање. Сега сум цврсто убеден дека нема подолу од ова.

Секако, јасно ми е дека ќе биде најдена некоја магична формула според која за сево ова ќе биде виновен Бранко или Сорос или Грците (никако ние!), меѓутоа не заборавајте оти не е важно кој разговарал за некое дело, важно е кој го повлекол чкрапалецот - секако, освен ако тоа се случило во Македонија, пред 27 септември 2001 година.

Можете сега да го релативизирате овој проблем до немај каде и назад. Можете да правите анализи на текстов и да постирате стотици коментари со кои ќе ја докажете лојалноста кон некого - само што тоа веќе апсолутно не е важно! Слободно плетете си ги теориите на заговор ако тоа ви помага да спиете навечер, јас немам ништо против. Можеби еден ден ќе успеете и себеси да си се убедите во тоа што го верглате. Мене нема потреба да ме убедувате. Сепак, обидете се да им го кажете тоа на оние три деца од Волково и којзнае колку деца низ цела Македонија што израснаа без татковци. Тие сигурно со нетрпение ќе чекаат да станат возрасни, за да можат што поскоро со своите даноци да им обезбедат плати и пензии на оние што ги амнестиравме, та потоа сите сложно „да тргнеме напред“.

Слава ни!

5 коментар(и):

Драган said...

Банана држава во која се донесуваат банана одлуки! И после се чудат зошто младата работна сила си ја бара среќата во пустата туѓина!

Anonymous said...

Sonja Tarchulovska so odluka na vladata dobiva 5.000 evra sekoj mesec. Dali dobro se prodadoa?

Александар said...

Се сложувам во целост со тебе, ова што се случува е жално, луѓе без разум и болест за власт се спремни на се. Искрено од оваа влада не очекував вакво нешто, но дефинитивно докажаа дека сите политичари во Македонија се исти. Нема иднина за оваа земја со вакви луѓе на високи државни позиции. Жално е што идните генерации само ќе можат да сведочат за будалаштините на поединци, чии последици и те како ќе ги чуствуваат.

LOLITA said...

Во оваа земја секогаш сме биле заложници. Никогаш ништо не се разрешило. Сме умирале како бегалци во сопствена земја. Никогаш не сме се бореле. Со сите сили се обидуваме да избегаме од овој затвор, порано или подоцна. Никој нема да не заштити, ниту да се бори за нас. Ќе плаќаме и ќе паѓаме се додека не остане по една старица во секое пусто село да раскажува дека тука некогаш имало деца.

Anonymous said...

poslednata rechenica ,bezceneta!!!!