Pages

Subscribe:

09.7.2011

Како ли ги преживеавме 90-те?

Денес да ти бил no bra day. Не знам зошто, но кога на маж ќе му го спомнеш ова, по автоматизам си ја замислува својата идеална жена како се шета со влажна бела маичка. Никогаш не помислува на сите оние жени што исто така поседуваат гради, но не му се привлечни, а можеби дури му се и грди. Ако бараш да се запалат градниците, тоа ќе мора да биде за сите жени, не само за тие што ти се тебе симпатични!

Јас на пример не сакам жени да ме сведуваат на мојот полов орган и колку долго можам да издржам во слободните активности во спални соби и слични интересни места, макар тоа да е и во позитивен контекст! Токму затоа не се приклучив во славјето на овој „голем ден“.

Арно ама, ако мислите дека општеството во овој поглед ни е за нигде во мигов, тогаш ве поканувам да се вратиме на почетокот на деведесеттите години и да се запрашаме - како по ѓаволите сме успеале да ги преживееме?



Само што беше завршил клетиот комунизам, сме чуле за слобода на говор и тогаш започнаа чудесиите. Секој втор стих во песните е ремек-дело: „Габери се за муабети, а не убави“, „Снежана ќејф си правела со седум џуџиња“, „Штом се омажиш, тогаш побарај ме“, „Мојто куче сака во дупки да се пика“, „Тој виде чучулига и сакаше да ја има, да си ги задоволи потребите свои“, „Смокот се мота, околу твојта слива“ (едно од погенијалните парчиња) и многу други мудрости што ќе останат засекогаш во народната ризница.

Спотовите се приказна сами за себе. На пример, серијата спотови за албумот „Ластовица“ на истоимената група, кои се како јајце на јајце, наликуваат на документарец за секс-туризам во Тајланд. Има такви маестрални сцени: собирање жени на улица, одење во стриптиз клубови, сцени на масажа како извадени од софт-кор порно филм (се гледаат и брадавиците на масерките), „спуштање долу“ во базен, лижење на плажа, итн.

Но, убедливо најдобро нешто што излегло во Македонија на музички план е „Педро“. Се работи за ремек-дело од епски пропорции, со комплетно и нераскинливо аудио-визуелно доживување, за кое можат да се напишат барем 10 тома психолошки анализи. Но, да се задржиме на најважните нешта.

Ремек-делото изобилува со хомофобични изблици, за кои чинам дека ниту оние што го создале не биле до крај свесни. Имено, Педро се доселува во зградата, а збунетиот станар бега уште на прв поглед од него, иако по ништо не се познава дека овој е „поинаков“. Во зградата веќе има резидент стереотип со сите геј нишани на него (онака како што тоа го замислуваат мажишчата). Дали тоа е порака дека е ок да си геј, ама само доколку го рекламираш тоа со неонски знак над главата?

Од текстот што изобилува со „суптилен хумор“, најмаркантен е мигот: „...ко ќе види машко, насмев му праќа и веднаш тој за рака го фаќа...“, затоа што хомосексуалноста му налага да тргне во поход кон сите мажи, како што мажишчата мора да одат во поход по сите жени (чиста аналогија бре!). Оние моменти како: „...вози, бегај, ти од нас...“ не вреди ниту да се спомнуваат, затоа што стилската фигура е премногу добро завиена во зборовите.

Ако го погледнете внимателно, ќе видите дека спотот е ода на хомосексуалноста и дека со сите фалусни симболи (кои ги има повеќе по метар квадратен од сите спотови на Фреди Меркјури и Џорџ Мајкл заедно) од обид за пародија станува автопародија и уште една прослава на кичот, омразата и тесноградоста на просечниот македонски граѓанин, кој мора да се исмее со секој: „...Педро (што) има други афинитети...“

4 коментар(и):

Јована Тозија said...

Многу сериозен пристап кон No bra day... :)) Не знам дали толку вреди за ваква стручна анализа...

А што се однесува на 90-ите... па види не какви сме! Зошто успеавме да ги преживееме, затоа сме вакви :D

Внукот said...

Не знам како да ти објаснам зошто толку сериозен пристап. Можеби наједноставно би било да ти кажам дека отсекогаш ме нервирале замените дел за цело. :)

А за 90-те, веројатно си во право. :)

аждер said...

Ееееј којзнае колку Ацо Шопов со неговите „Очи“ те нервирал ;)

@vldmrk said...

Видиш, во 90-те луѓето биле сексистички и хомофобични на ТВ, а сега на улица.

Ги преживеавме ама изгубивме.